Проектот „Редовно на часови“ е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Фондацијата Отворено општество - Македонија во партнерство со Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ и Здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас. Проектот се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука. Проектот „Редовно на часови“ претставува акција за вклучување на Ромите во основното образование. Проблемот е фокусиран во делот на нивниот слаб пристап кон образовните институции, задржување и премин во погорните одделенија на учениците Роми, особено во првиот циклус на школување, од прво до трето одделение.
Нашата цел беше насочена кон мотивирање на децата, преку вклучување во различни едукативни активности, за совладување на социјализацијата и на делови од воспитно-образовниот процес. Акцент на проектот е описменување и охрабрување на децата Роми за понатамошно продолжување на нивното школување. Фокусот на нашата работа беше насочен кон овозможување на еднаков пристап, да се поттикне мотивацијата кај учениците за посетување и следење на наставата, како и успешно завршување на школските години. Целта на нашата работа беше учениците да се чувствуваат добредојдени, подеднакво ценети и поддржани за да успеат во инклузивна и стимулирачка средина за учење. Децата кои се нередовни во наставно-образовниот систем заостануваат во совладување на вештините за читање и математика. Постои директна поврзаност меѓу редовното посетување на училиште и постигнувањето добри резултати, особено во раните одделенија при развивање когнитивни и социјални вештини, пријателство и интеракција со другите деца, како и здрави животни навики. Редовното посетување на училиште е од витално значење за да се спречи осипувањето на учениците Роми и да им се помогне на децата да постигнат најдобар можен почеток во животот.
Проектот паралелно опфаќаше три компоненти:
Компонента за доделување стипендии - стипендиите се наменети за ученици Роми (1-3 одделение) чии семејства се корисници на социјална помош (прв и клучен критериум за подобност). Стипендијата овозможува подобрување на финансиската благосостојба на најранливите ромски семејства за да ги покријат трошоците поврзани со школувањето на нивните деца и да купат соодветна облека, работни тетратки, спортски обувки и друга опрема потребна за часовите по спорт или да ги покријат трошоците за учество на нивните деца во воннаставни и/или други активности на отворено организирани од училиштата. Правото за задржување и обновување на стипендијата зависи од редовното посетување на училиште, кое се потврдува со доставување на училишна евиденција (евидентна листа) и свидетелство за завршено соодветно одделение.
Компонента за поддршка на ромската заедница - овозможува поддршка и информирање на ромската заедница за родителите да ги запишат и редовно да ги испраќаат своите деца на училиште, преку обучени асистенти. Асистентите за поддршка на ромската заедница обезбедуваат ефективен канал на комуникација и поврзување помеѓу ромските семејства/заедница и ромските училишта/наставници. Асистентите спроведуваат домашни посети, телефонски разговори и контактираат со наставниците на учениците за редовноста на наставата и нивниот напредок во образованието.
Компонента за поддршка на училиштата – поддршката на училиштата беше во насока подобрување на нивниот потенцијал за почитување на различностите, квалитетот на образованието и да ги трансформираат училниците во инклузивни средини за учење за сите деца да се чувствуваат добредојдени. Беше одржана четиридневната обука на училишниот персонал на тема „Образование за социјална правда“. Преку интерактивни вежби и емоционално учење учесниците станаа посвесни за предрасудите и минатите искуства на дискриминација (кон Ромите и воопшто кон различностите во нивните училишта). Ова ги поттикна да размислат која е нивната улога и што можат/треба да направат за да го променат тоа и да ги трансформираат училниците во инклузивни средини за учење каде што сите деца можат да успеат во учењето.
Општинското основно училиште „Илинден“ од Крива Паланка е училиште кое физички гравитира до ромската населба во Крива Паланка. Училиштето, како корисник на поддршката за училиштата, континуирано работеше на имплементација на проектот „Редовно на часови“ две години. Беа опфатени ученици Роми од прво, второ и трето одделение кои посетуваа дополнителни активности соодветни со наставната програма за описменување и следење на нивниот напредок во реализацијата на наставните содржини. Учениците преку изработка на уметнички витражни слики учеа за буквите, броевите, математичките операции и знаења од природните и општествените науки.