Виножито: Апартхејдот не згасна во Јужна Африка, тој сè уште живее во ЕУ, во Грција
Антимакедонското крешчендо на ултрадесничарската влада на Самарас и грчките (пара)државни механизми продолжија да функционираат со полна брзина и ова лето, соопшти денеска Виножито, партијата на Македонците во Грција.
Виножито: Апартхејдот не згасна во Јужна Африка, тој сè уште живее во ЕУ, во Грција
Антимакедонското крешчендо на ултрадесничарската влада на Самарас и грчките (пара)државни механизми продолжија да функционираат со полна брзина и ова лето, соопшти денеска Виножито, партијата на Македонците во Грција.
Според нив, последна „жртва“ на таквото дејствување беше македонскиот активист за човекови права и писател Ѓорѓи Канзуров (Јоргос Kaнцурис), роден во селото Сетина во Леринско, северна Грција. Минатата недела на Канзуров му беше забранет влезот во Грција и посетата на родното место со вообичаениот одвратен „изговор“ дека е „закана за безбедноста и за внатрешниот ред на Грција“. На повеќемина Македонци, вклучувајќи тука и новинари, уметници, научници, како и обични луѓе досега им беше забранет влезот во Грција, им беше забранета посетата на нивните родни места или едноставно им беше забрането да одат на одмор во Грција.
Озлогласената „црна листа“ со несакани Македонци, која наводно била укината од актуелниот министер за образование А. Ловердос, не само што постои, туку во последниве две години е и проширена. Ова и не е некое изненадување откако премиер стана Самарас, фанатичниот антимакедонист и човек кој одржува братски врски со фашистите од Златна зора (неодамнешниот случај Балтакос). Не нè изненадува и отсуството на каква било реакција од која било грчка политичка партија од парламентот во Атина или пак на информација по грчките медиуми. За жал, контролните механизми на Европската Унија во однос на овие прашања се многу лабави или дури и непостојни. Инаку, како би можело ваквите крајно расистички и нетолерантни постапки кои едноставно ги нема во цивилизираниот свет, да се толерираат?
ЕСА-Виножито ќе ги искористи сите средства и начини за да го информира Европскиот парламент, и сите други органи на ЕУ, како и големите меѓународни институции, за да го снема од планетата и последниот апартхејд, иако сите мислат дека апартхејдот умре пред три децении во Јужна Африка. Не, тој денеска непречено живее во денешна ЕУ. Се надеваме дека засраменоста од ова може да ги предизвика носителите на одлуки во Брисел да бидат почувствителни во однос на овие прашања. Што се однесува до грчкиот премиер и неговиот фашистички тим на советници, ние немаме илузии – „срам“, „достоинство“ и „совест“ за нив ништо не значат, соопшти ЕСА Виножито.