Денес во четиринаесетата епизода на RESET ни гостуваат музичарите Илчо и Борис од Дупер.
Дупер се појавија тивко, но оставија силен впечаток – како мисла што не можеш да ја оттурнеш. Нивниот звук е едноставен, речиси интимен, но исполнет со емоции што погодуваат право во суштината. Со текстови што звучат како личен дневник, тие зборуваат за љубовта, несигурноста, односите и моментите кога не знаеш каде припаѓаш. Токму во таа искреност лежи нивната моќ – да направат секој што ги слуша, да се препознае барем во еден стих или строфа.
Во нивната музика има простор и за тишината, и за тежината што често ја носиме во себе. Отвораат теми поврзани со менталното здравје без патетика, туку со сурова реалност – анксиозност, преиспитување, внатрешни борби што ретко ги изговараме гласно. Затоа нивниот звук не е само за слушање, туку и за чувствување – како еден вид потсетник дека не мораш секогаш да бидеш „во ред“.
Во RESET, Илчо и Борис отворија страна од себе која ретко ја гледаме низ медиумите. Секојдневните предизвици и јавното експонирање прави да се често изложени на критики и пофалби што природно по себе си создава простор за додаден притисок да се одржат на домашната сцена. Ова е разговор што оди под површината и допира до она што навистина значи да бидеш човек. Ова се вистинските, опуштени, домашни и наши - Дупер.
Денес учиме лекција - Само умерено во животот.
Со љубов,
Нина