Денес во шеснаесетата епизода на RESET ни гостува пејачката Теа Трајковска.
Таа е една од оние личности што не можеш да ги ставиш во една рамка. Препознатлива по музиката, енергијата и сценскиот израз, со години остава свој печат на македонската музичка сцена, искрено, гласно и со емоција што се чувствува.
Но зад сцената постои и една поинаква страна. Разговор за промените низ кои поминуваме, за моментите кога се губиме себеси, за притисокот секогаш да изгледаш силно и добро… дури и кога не си.
Минатата година беше една од најтешките за Македонија. Како и многумина во трагедијата во Кочани, и Теа се соочи со загуба на сакани луѓе. Во разговорот сподели колку огромна улога имале најблиските пријатели, колегите и семејството во тие најтешки моменти. Верува дека токму нивното присуство, поддршка и љубов биле клучни за да успее да помине низ бурата од емоции.
Во разговорот со Теа отвараме и теми за менталното здравје. Колку е тешко понекогаш да останеш своја во свет полн со очекувања, коментари и постојана изложеност. Зборуваме за внатрешниот мир, самодовербата, емоционалните падови и важноста да си дадеш простор да почувствуваш, а не само да изгледаш добро пред другите.
Денес учиме лекција - Квалитетното друштво не ги брише проблемите, но го прави патот низ нив многу полесен.
Со љубов,
Нина